Прејди на содржината

Бучинци

Координати: 42°1′59″N 21°38′26″E / 42.03306° СГШ; 21.64056° ИГД / 42.03306; 21.64056
Од Википедија — слободната енциклопедија
Бучинци

Поглед на селото Бучинци

Бучинци во рамките на Македонија
Бучинци
Местоположба на Бучинци во Македонија
Бучинци на карта

Карта

Координати 42°1′59″N 21°38′26″E / 42.03306° СГШ; 21.64056° ИГД / 42.03306; 21.64056
Општина Илиден
Население 235 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 25018
Надм. вис. 360 м
Бучинци на општинската карта

Атарот на Бучинци во рамките на општината
Бучинци на Ризницата

Бучинци — село во Општина Илинден, во околината на градот Скопје.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Поглед на Бучинци

Бучинци се наоѓа во крајниот источен дел на Скопската Котлина и припаѓа на Општина Илинден, а атарот се допира до територијата на Општина Куманово[2]. Од градот Скопје е оддалечено 29 километри. Селото е рамничарско и лежи на 370 метри надморска височина[2]. До самото село постои брана со вештачко езеро. Селото Бучинци е расположено во подножјето на ридскиот предел (Ајватовски Рид) кој е огранок на Скопска Црна Гора на запад и пространиот рамничарски предел на север, исток и југ. Од Бучинци и Мршевци кон североисток говорот е „кумановски“ или „шопски“, додека јужно е „блатиски“[3]. Во Бучинци и овој дел на Скопската Котлина во минатото постоела границата во етнографско-фолклорните одлики и одлики помеѓу скопскиот и кумановскиот крај. Атарот на селото зафаќа простор од 6,8 км2 и на него преовладува обработливото земјиште на површина од 453 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 198,6 ха[2].

Историја

[уреди | уреди извор]

Бучинци е едно од постарите села во Скопската Котлина, а воедно најстаро во североисточниот дел на скопската област. На месностите Градиште и Црквиште северно и северозападно од селото, се пронајдени остатоци од античко и повеќе други епохи, како и стари гробови. Староста на Бучинци се огледа и по тоа што во ова село сите селски родови се старинци („од век се овде“)[4]. Од пишаните документи од средновековиот период од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453 година за тогашниот Скопски вилает, за селото Бучинци е запишано дека во него живееле вкупно 23 македонски христијански семејства, 3 неженети и 1 вдовица кои произведувале пченица, јачмен, 'рж, овес, граор, одгледувале лозја, чувале свињи и пчели во улишта за што остварувале приход од 3035 акчиња[5]. Подоцна во XVI век, во 1544 селото имало 52 македонски христијански семејства, а во 1568 биле забележани 56 христијански семејства[5].

Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство.. Околу средината на XIX век Бучинци станало чифлик на Мемед-бег од Скопје, кој се задржал до 1912 година и на кој работеле сите селани кои во сопственост ја имале само стоката и добитокот[6]. Македонското население на Бучинци кон крајот на XIX и почетокот на XX век, било активно во македонското револуционерно ослободително движење, па затоа во 1910 година во селото било спроведена акција за разоружување од османлиските власти, при што жестоко биле измачувани 14 жители на селото[7]. Североисточно од Бучинци се наоѓа селото Грушино чиишто жители Албанци, вршеле многу злосторства и убиства над Македонците од Бучинци, кои се одржале и останале во селото единствено поради заштитата од бегот[6]. Воочи на Првата балканска војна во 1912 година, турските власти ги уапсиле, однеле и затвориле во Скопје сите машки лица на возраст над 13 години[6]. Само 2 момчиња успеале да се скријат во трлата, но биле пронајдени и убиени од Албанци од Грушино[6].

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]

Името на селото Бучинци потекнува од македонскиот јазик и за неговото потекло и значење постојат неколку претпоставки. Тоа може да доаѓа ојконимот Бучин (=дол) од придавка од бука или од личното име Бучо[8]. Сепак овие две претпоставки се неточни со оглед на местоположбата во подножје на рид и ниската надморска височина каде не растат букови дрвја. Во географската терминологија на дијалектите на македонскиот јазик именката бучин означува: „'место во река каде што паѓа водата (со бучава), мал водопад'“[9] односно бучен водопад. Доколку се земе ова предвид дека и се поврзе со условите на теренот, каде во долот до подножјето на ридот над Бучинци навистина постои мал водотек - поток со водопади, на кој е изградено денешното вештачко езеро, се потврдува веродостојноста дека името на селото Бучинци потекнува од мал бучен водотек/водопад и бучавата на водата.

Археолошки наоѓалишта

[уреди | уреди извор]
  • Градиште, градиште од раноантичкото и римското време. На 100 m западно од селото, на доминантна височинка со зарамнето плато се среќаваат фрагменти од керамички садови карактеристични за раноантичкото и римското време. На подножјето на градиштето од источната страна, во лозјата се среќаваат фрагменти од керамички садови и градежен материјал (тегули, имбрекси, а и монети од Јустинијан I). Според последните археолошки истражувања, во ова наоѓалиште отркиена е некропола од 7 и 8 век п.н.е. Пронајдените артефакти, меѓу кои итн. македонско-пајонска бронза го покажуваат погребниот ритуал на пајонските племиња, чии живеалишта се приближно во исти граници на денешната Македонија и според досегашните сознанија е најсеверната граница на која живееле пајонските племиња.[10]
  • Ограда, населба од римското време. Неколку стотици метри јужно од селото, при изградбата на браната за наводнување се откриени темели од објект. На релативно мал простор се среќаваат фрагменти од керамички садови и градежен материјал (камен, тегули).[11]


Стопанство

[уреди | уреди извор]

Населението на Бучинци во најголем дел се занимава со земјоделство и сточарство, а особено е развиено и лозаро-овоштарствто. Условите за земјоделство се многу поволни и поради самата местоположба на селото бидејќи на долинските падини се одгледуваат суви, а на долинското дно (полето) влажни култури, а педолошкиот состав на земјата и климатските услови овозможуваат успевање на земјоделски и индустриски култури[12]. Како и во околните села, најзастапени се житните култури: пченицата, пченката, јачменот, 'ржта. Исто така се одгледува и спанаќ и зеленчук под пластеник. Од сточарството најзастапено е краварството, а во помали размери и овчарството и козарството. Доста е развиено и лозарството на пространите лозја источно од селото, но и на ридовите западно од селото, заедно со овошните насади. Во минатото ова село сите селани работеле како стокари највеќе одгледувајќи овци и крупни говеда, а во многу голема мера се одгледувал и тутунот[12]. За опаѓањето на сточарството придонело создавањето на земјоделскиот комбинат „Скопско Поле“ во шеесеттите години на XX век, кој сите пасишта ги претворил во житни посеви[3]. Во минатото селаните од Бучинци ги посетувале пазарите во Скопје и Куманово, а во Скопје најчесто оделе да продаваат стока, затоа што имало повисоки цени[3]. Пред влезот на селото постои и фабрички производствен погон, а некои од жителите имаат и сопствени приватни претпријатија.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948303—    
1953306+1.0%
1961302−1.3%
1971288−4.6%
1981253−12.2%
ГодинаНас.±%
1991231−8.7%
1994226−2.2%
2002226+0.0%
2021235+4.0%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото е заведено под името Бучин и било христијанско, каде имало 40 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 141 мажи христијани, со 9 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 300 жители.[13]

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 148 жители.[14]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 200 Македонци.[15]

Според бројноста на жителите во селото Бучинци не се забележуваат големи и значајни промени. Така, во 1961 година селото Бучинци броело 302 жители, додека во 1994 година 226 жители, исклучиво Македонци[2].

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 226 жители, од кои 225 Македонци и 1 останат.[16]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 235 жители, од кои 220 Македонци, 5 Срби, 2 останати и 8 лица без податоци.[17]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 160 120 303 306 302 288 253 231 226 226 235
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[18]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[19]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[20]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[21]

Бучинци е едно од ретките села во Скопско кое во целост е населено само со староседелски родови и нема доселеници во него. Населението на селото се дели на 10 старински родови:[3]

  • Староседелци: Баќeвци (10 к.), Сељовци (9 к.), Спасевци (2 к.), Десковци (3 к.), Антевци (3 к.), Трајкоски (9 к.), Ристевци (2 к.), Анѓелевци (1 к.), Анѓелевци втори (1 к.) и Трипуновци (7 к.).

Општествени установи

[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]

Редовни настани

[уреди | уреди извор]

Прослава на селската слава Света Троица со голем општонароден собор.

Личности

[уреди | уреди извор]

Личности родени во Бучинци:

Култура и спорт

[уреди | уреди извор]

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Иако селото Бучинци нема доселеници, сепак тоа дало многу иселеници во други места. Се смета дека околу 30 семејства се иселени во другите села на Скопската Котлина, од кои 16 во Скопје[3]. Иселеници од Бучинци има во следниве села: поранешното село, денес населба Кисела Вода како и денешните Усје, Бујковци во Скопско, Студена Бара, Вак'в и Винце во Кумановско[3].

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 45–46. ISBN 9989-862-00-1.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 37
  4. Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 36-37
  5. 5,0 5,1 Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 224–225.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 36
  7. Дебърски глас, година 2, брой 35, 15 март 1911, стр. 3
  8. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 84-85.
  9. Видоески, Божидар (1999). Географската терминологија во дијалектите на македонскиот јазик. Скопје: МАНУ. стр. 99. ISBN 9989-649-64-2.
  10. „Некропола од железно време,с. Бучинци–Скопско“ (PDF). Вечер. Посетено на 2010-12-03.
  11. Археолошка карта на Република Македонија, Том 2, 1996, издание на МАНУ, Скопје, Македонија
  12. 12,0 12,1 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 35
  13. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  14. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  15. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  16. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  17. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  18. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  19. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  20. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  21. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]