Васил Чакаларов
Васил Христов Чакаларов | ||
Роден | 1874 Смрдеш, Костурско, Егејска Македонија | |
---|---|---|
Починал | 9 јули 1913 Бел Камен, Леринско, Егејска Македонија |
Васил Чакаларов (Смрдеш, 1874 — Бел Камен, 9 јули 1913) — македонски револуционер, член и војвода на Македонската револуционерна организација.
Први години
[уреди | уреди извор]Чекаларов е роден во с. Смрдеш, Костурско. Учел во грчко основно училиште, а на негово инсистирање татко му го префрлил да учи во бугарско егзархиско училиште. Завршил четврто одделение и паралелно работел со својот татко на градби низ Егејска Македонија и Грција. Во 1894 година запаѓа во костурскиот затвор, но успеал да избега и да се засолни во Бугарија. Таму работел како кондураџија, каменоделец и sидар, а при престој во Шумен завршил вечерна гимназија.
Револуционерна дејност пред Илинденското востание
[уреди | уреди извор]Во 1901 година Чакаларов се преселил во Софија, каде што станал претседател на Костурското добротворно друштво, кое било дел од Македонскиот комитет. Таму учествувал во активностите на Комитетот и станал близок пријател со тогашниот претседател на МК, Борис Сарафов. Бил врховист, но кога увидел дека врховистите се борат за Бугарската егзархија, се префрлил во ТМОРО.
Во Бугарија ја помага и револуционерната активност и на Македонската револуционерна организација. Имено, заедно со Лазар Киселинчев создавал канали за купување и пренесување на оружје од Грција за потребите на самата Организација.
По избувнувањето на Иванчовата афера од 1901 година Чакаларов бил испратен од Битолскиот окружен револуционерен комитет да им помогне во работата на Пандо Кљашев и Лазар Москов во Костурската револуционерна околија. Тогаш тој егзекурирал еден гркомански шпион од селото Д’мбени.
Во почетокот на 1902 година, Гоце Делчев бил во инспекција низ Костурско и одлучил во околискиот комитет да влезат Кузман Стефов, Лазар Поп Трајков, Лазар Москов, Пандо Кљашев и Михаил Николов, додека Чакаларов и понатаму бил задолжен за набавка на оружје од Грција.
Организацискиот собир го осудил Коте Христов на смрт поради арамиство, а Чакаларов побарал веднаш да се исполни пресудата, но Коте бил помилуван од страна на Гоце Делчев [1].
Потоа Чакларов доставил оружје за Леринско и Костурско од Грција. Во август здружените костурски чети, на чело со Чакаларов, имале борба со Коте Христов во селото Оштава. Во почетокот на септември Чакаларов и раководното тело го спречиле полковникот Атанас Јанков и Коте Христов да предизвикаат востание во костурскиот регион по идеја на ВМОК.
Во зимата Чакаларов разоткрива и гони врховистичките четници по селата и организирал бомболеарница во селото Смрдеш. На 13-14 март 1903 година, тој ги убедил жителите на селата Врбник и В’мбел да се откажат од Патријаршијата и да се потчинат на Егзархијата. На 20 март во Черешница се сретнал со четата на Борис Сарафов, а селото исто така преминало кон Егзархијата.
На 28 март Чакаларов бил опколен од турскиот аскер во Смрдеш, но со поддршка на селските чети успеал да се извлече. Во средината на април пристигнал во Смилево, Битолско, за претстојниот конгрес. Таму, Чакаларов и Пандо Кљашев ја претставувале Костурската револуционерна околија. На 24 април во Златари, Ресенско, тој заедно со Пандо Кљашев, Иван Попов и Митре Влаот имале борба со турскиот аскер.
Започнале подготовките за востанието. Се собирале пушки и куршуми од селата Смрдеш, Косинец, Кономлади и биле испратени во Статица. На 7 мај Чакаларов го вардел опожареното родното село Смрдеш, кое било изгорено од турската армија. На 31 мај 1.000 турски војници го опколиле селото Д’мбени, а четата на Лазар Поп Трајков го зазела врвот Вињари, по што дошло до Битката кај Локвата и Вињари во која учествувале и четите на Чакаларов, Пандо Кљашев и Митре Влаот.
Илинденско востание
[уреди | уреди извор]На 20 јули (стар стил) Илинденското востание се кренало и во Костурско со околу 2.000 востаници. На 23 јули е заземена Клисура. На 28 јули четите на Лазар Поп Трајков и Васил Чакаларов имале борба со турскиот аскер, а на 29 јули кај селото Д'мбени имале борба со турската војска која траела 6 часа, по што Турците се повлекле во Костур.
На 12 август, по голема борба, предводена од Чакаларов, била заземена Невеска,[2] но востаниците веднаш потоа морале да се повлечат. После многу борби на 27 август е донесено решение за повлекување на четите од Костурско, за да се заштити населението од 15.000 аскер.
Во екот на востанието Чакаларов бил иницијатор за испраќање на мемоар во име на костурски претставници за турските sверства во Костурско. Мемоарот на 30 август бил испратен до странските дипломатите во Битола. Васил Чакаларов предводел здружена чета од 450 души.
На 29 август во Апоскеп дошло до борба. Во селото Нестрам на 1 септември ги казниле предавниците и растуриле една мала турска воена единица. Потоа, неочекувано за турските власти, преминуваат во албанската област Колоња, надвор од зоната на делување на Организацијата. Таму од 2 до 8 септември запалиле неколку муслимански села и влегле во неколку судири со локалните албански вооружени одреди.[3]
На крајот се враќаат во разореното Костурско, каде што четите се распуштиле. Чакаларов, заедно со сестра си Зоја, Пандо Кљашев и Лазар Киселинчев, тајно ја преминале границата со Грција и од таму со пароброд заминале за Бугарија.
Мирен живот
[уреди | уреди извор]Во почетокот на 1904 година Васил Чакаларов заминал на лекување во Женева, Швајцарија. На 14 март тој, Борис Сарафов и други формирале привремен комитет со цел да се замени Задграничното претставништво, но во 1905 година разликите биле надминати и Комитетот се самораспушта. Во Софија, Чакаларов изградил куќа, со помош на архитект Георги Киселинчев, на улица Шипка наспроти Воената академија. Живеел сиромашно, но се оженил за Олга, со која имале ќерка Екатерина.
Учествувал како делегат на Ќустендилскиот конгрес во 1908 година. По прогласувањето на Младотурската револуција оди на поклонение на загинатите револуционери во Апоскеп.[4]
Балкански војни
[уреди | уреди извор]При избувнувањето на Балканските војни во 1912 година Чакаларов е поставен за командант на партизанска чета № 4, дел од Костурската здружена чета, заедно со чета № 5 на Иван Попов и чета № 6 на Христо Силјанов, кои се дел од Македонско-одринското ополчение.
По почетокот на воените судири четата се насочува во Леринско и Костурско. Васил Чакаларов и Иван Попов се сретнале во Лерин со поранешниот андартски капетан, офицер од артилерија, Георгиос Цондос.[5]
Чакаларов, како и многу други македонски дејци, сметал дека Македонско-одринското ополчение треба да биде испратено на фронтот во Македонија, а не во Тракија, за да не им дозволи на сојузниците Грци и Срби да ги окупираат териториите населени со егзархисти.
Во Втората балканска војна тој и Иван Попов повторно организирале голема чета, која требало да ја вознемирува грчката армија од заднина. Во средината на јуни 1913 година од Дојран за Костурско заминале со војводите и четниците, а меѓу нив биле Христо Цветков, Илија Димушев, Никола Иванов, Дончо Лазаров, Карамфилович, Панде Сидов и други. На 17 јуни во Фурка 160 четници и војници ги растуриле српско-грчки делови, а кај селата Стојаково и Богданци разбиле 80 евзони и 1 антиполахос (потпоручник). Потоа ги зазеле Гевгелија, а кај Тушин повторно се судриле со грчки сили. На 19 јуни Гевгелија повторно била во грчки раце и поголемиот дел од четите се повлекол.
Васил Чакаларов, Иван Попов, Козинчев, Христо Цветков и Панде Сидов и понатаму биле во Костурско. На 2-3 јули западнале во заседа кај кланецот Дармани, Воденско, а Чакаларов со својата чета со итрина успеал да се повлече.
Смрт
[уреди | уреди извор]Чакаларов и неговата чета биле гонети од страна на грчките сили, а на 4 јули во Чеган четата била предадена. Тогаш дошло до судир во кој Чакаларов бил полесно повреден, а четата се поделила на два дела. Иван Попов и Панде Сидов заминале за Баница, каде на 5 јули биле поразени. Истиот ден и четата на Чакаларов е растурена, тој повторно бил ранет, но успеал да стигне до планината Вич на 8 јули. Чакаларов бил ранет во градите при борбата со грчки војници на 9 јули 1913 година во близина на Бел Камен. Тука Чакаларов загинал и грчките војници му ја отсекле главата и ја однеле во Лерин каде на сиот глас викале:
„ | Го нема Чакаларов, ја нема Македонија, го уништивме Чакаларов, а со него и сите Чакаларовци![6] | “ |
Потоа грчки капетан го удрил со главата Илија Димушев и го присилил да ја носи на чело на процесот. Српски офицер не им дозволил да продолжат и протестирал пред Грците. Тие главата му ја дале на епитропот од црквата „Св. Панталејмон“, а тој ја погребал на гробиштата. Дваесет и шест души од четата на Чакаларов биле судени во Солун од воен трибунал и добиле разни казни.
Дневникот на Васил Чакаларов
[уреди | уреди извор]Дневникот на Васил Чакаларов ја опишува неговата револуционерна дејност во периодот 1901 — 1903 г. Оригиналите на Дневникот ги чувал Лазар Киселинчев, роднина на Чакаларов. Тој заедно со Спиро Василев Мореов-Загоричанинот ги подготвиле за печат во 1946 г. Во 1948 г. Васил Ивановски како претседател на Македонското братство во Софија, заедно со Спиро Василев прави обиди да го издаде Дневникот, но не успева во тоа, бидејќи при апсењето на Ивановски во процесот против Трајчо Костов Дневникот на Чакаларов е запленет од полицијата. Дневникот бил издаден 52 години подоцна, во Софија, Бугарија.[7]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Портрет на Чакаларов од 1905 година
-
Васил Чакаларов и Борис Сарафов
-
Здружената костурска чета по заземањето на Клисура
-
Клисура, 1903 г.
-
Поклонение на братската могила во Апоскеп, 1908 г.
-
Раководството на здружената костурска чета. Христо Силјанов - прв ред, првиот десно, заедно со Васил Чакаларов и Иван Попов.
-
Исечената глава на Васил Чакаларов
-
Спомен плоча на куќата на Васил Чекаларов во Софија
-
Куќата на Чакларов во Софија
Литература
[уреди | уреди извор]- „Дневникот на Војводата Васил Чакаларов“, „Силонс“, Скопје, 2007.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Силянов, Христо, „Освободителните борби на Македония, том I", стр. 134“. Архивирано од изворникот на 2008-04-29. Посетено на 2010-07-17.
- ↑ Илинденското въстание в Костурско - Спомени на Манол Кочов и Наум Масалинков
- ↑ Хр. Силянов, „Освободителнитѣ борби на Македония“, том I, II фототипно изд. "Наука и Изкуство", София, 1983, 388-391 стр.
- ↑ "Илюстрация Илинден", година II, кн. 1(11), София, септември 1928, с. 8-9
- ↑ Силянов, Христо, „От Витоша до Грамос, Походът на една чета през Освободителната война - 1912 г.“
- ↑ Васил Иванов, „Отрязаната глава 9 юлий 1913 г.“
- ↑ Васил Чекаларов: Дневник 1901-1903 г., стр. 5 (Предговор), съставителство Ива Бурилкова, Цочо Билярски (ИК „Синева” София, 2001)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|