Отомански интеррегнум
Дел од темата |
---|
Историја на Отоманското Царство |
Отомански интеррегнум или Отоманска граѓанска војна (турски: Fetret Devri) — период од историјата на Османлиското Царство кој траел во периодот од 20 јули 1402 година до 5 јули 1413 година, односно од смртта на султанот Бајазит I по крајот на Битката кај Ангора до прогласувањето на Мехмед за османлиски султан. Како главна причина за започнување на граѓанска војна било прогласувањето на Мехмед Челебија за нов султан на Османлиското Царство, кое не било прифатено од страна на неговите браќа[1]
Војната завршила во 1413 година, кога Мехмед Челебија се појавил како победник и тој бил прогласен за султан под името Мехмед I.
Заднина
[уреди | уреди извор]По крајот на Косовската битка од 15 јуни 1389 година починал османлискиот султан Мурат I. Неговиот син Бајазит I со Османлиското Царство владеел од Косовската битка до Ангорската битка која се одвила на 28 јули 1402 година. Бајазит се одликувал со тоа што ги проширил своите територии на Балканот поради кое главно бил наречен Јилдирим или молња. Меѓутоа, во тоа врере од исток се појавиле монголските освојувачи на чело со Тимур. Монголците започнале да им нанесуваат порази на Османлиите во Анадолија.
До поголема војна дошло на 28 јули 1402 година на полето Чибук, блиску денешната престолнина на Турција, Анкара. Во таа битка учествувал и самиот Бајазит I, заедно со своите синови: Иса, Мехмед, Муса, Мустафа и Сулејман. Во таа битка на страната на Османлиите учествувале и вазалите Стефан Лазаревиќ и Ѓураѓ Бранковиќ, кои биле српски деспоти и учестувале со околу 5.000 оклопни коњаници.
Во битката Монголците издвојувале голема победа. Во текот на битката, турските бегови од областите Ајдин, Сарухан, Ментеш и Караманија преминале на страната на Тимур и со тоа битката била решена. Со околу 10.000 јаничари, султанот во ноќта се обидел да побегне но во тоа не успеал па бил заробен од страна на монголската војска. Заедно со него бил заробен и сун му Муса. Другите негови синови се спасиле со бегство, освен Мустафа кој мистериозно исчезнал на бојното поле.
Султанот Бајазит починал на 9 март 1403 година[2] По победата, Тимур не продолжил со своите победи во Анадолија, туку се свртел кон исток, сакајќи да ја освои Кина.
По крајот на биктката, емиратите Ајдин, Сарухан, Ментеш и Караманија ги повратиле своите поседи, Цариград се спасил од опсадата а византискиот цар Мануел II ја задржал власта во некои делови во Мала Азија и Европа[3]. Тимур продолжил со пустошењето на анадолските земји. Веднаш по Ангорската битка, тој го испратил својот син Мухамед кон османлиската престолнина Бурса каде на 3 август успеал да ја ограби. Неговиот друг син Абу Бакар го разгромил Јенишехир, и стигнал дури до бреговите на Егејско Море. Тимур го зазел Измир по кое тргнал кон исток.
Во 1403 година Сулејман потпишал и договор со Византијците и регентот Јован VII, со кои им отстапил некои територии на морскиот брег, вклучувајќи го и Солун. Исто така посебни договори биле склуќени и со деспотот Стефан Лазаревиќ, Венеција, Џенова и Родос во текот на 1403 година. Византија играла голема улога во меѓусебните судири на османлиските принцови и го поддржувала најслабиот османлиски принц Мехмед.
Почеток
[уреди | уреди извор]По Ангорската битка, во Османлиското Царство се дошло до интерегнум - меѓувлада, која трале повеќе од една деценија. По битката, синовите на Бајазит побегнале на различни страни. Така, Сулејман со Големиот везир Али Паша и јаничарскиот ага се засолниле во Бурса а потоа и во Едрене каде се самопрогласил за султан. Мехмед се зацврстил во Амасија и борејќи се против Монголците, успеал да поврати некои од претходно изгубените територии. Иса се засолнил во Бурса и ја зацврстил својата власт во Караманија. Мустафа мистериозно исчезнал, додека пак Муса Челеби кој бил заробен заедно со својот татко, по неколку месеци се вратил со останките на султанот. Според пишаните извори, во времето кога тој пристигнал во Анадолија, тој ги пронашол своите браќа Мехмед и Иса скарани, помеѓу кои била започната војна. Во таа војна Иса бил победен и затоа тој побегнал кај својот брат Сулејман во Едрене. Сулејман многу бргу го прифатил, со кое го ставил на чело на една армија која тргнала во поход против Мехмед. Иса, во Битката кај Ески Шехир бил поразен. Во самата битка тој бил заробен а подоцна и погубен во 1406 година[4]. Мехмед ја воспоставил својата власт во Ајдин, Сарухан, Ментеше и Гермијан. Според пронајдените монети ова се случило во текот на 1403 и 1404 година. Тогаш Сулејман со својата армија преминал во Анадолија борејќи се против своите двајца браќа Мехмед и Муса, кои биле во тоа време во сојуз. Во исто време, во анадолскиот регион пристигнал влијателниот шејх Бедредин.
Муса и Сулејман
[уреди | уреди извор]Бедредин Симави зазел позиции против принцот Сулејман и Мехмед, кои биле претставници на крупните феудалци. Муса Челеби со помош на својот брат Мехмед, успеал своите војски да ги префрли од Анадолија во Румелија со цел да се симне од власт Сулејман кој бил статиционирал во Едрене. Муса во тоа време сѐ уште тактизирал и ја признавал врховната власт на Мехмед. Во 1410 година дошло до жестока битка помеѓу силите на Муса и Сулејман во која Муса издвојувал победа и ја зазел цела Румелија и на 17 февруари 1410 година во Едрене се прогласил за султан.
Најсилна политичка фигура на Балканот во 1409 година бил Сулејман чии територии се протегале од Мраморно Море до Анкара. Додека Мехмед пак управувал со земјите источно од Анкара до Сивас.
Кога во мај 1410 година, Сулејман се префрлил во Румелија и започнал воени акции против Муса, голем број на феудалци се ставиле под негова услуга. Меѓу овие големци се нашле и Вук Лазаревиќ и браќата Бранковиќ. Сулејман со помош на византискиот цар Мануил II Палеолог го преминал Босфорот и во близина на градот Космидион му нанел тежок пораз на Муса. Имено, откако војската на Сулејман стапила во офанзива, христијаните кои се бореле на страната на Муса одбегнувале да влезат во директен судир со Византијците и христијаните сојузници на Сулејман, пак се разбегале од бојното поле. Самиот Муса се повлекол во Јамбол, додека неговите сојузници како Вук Лазаревиќ преминале на страната на принцот Сулејман, иако пред почетокот на битката Муса се посомневал во лојалноста на Вук, додека Стефан Лазаревиќ пребегал во Галата. . Во оваа битка Муса бил поразен. Основната причина за поразот на Муса се гледа во измамата на големите румелиски бегови кои заедно со српските вазали односно деспоти преминале на страната на Сулејман.
По овој пораз, Муса се повлекол кон Стара Планина каде продолжил со својата герилска војна против својот брат. Сулејман по ова влегол во Едрене како султан. Така, владеењето на Муса како султан траело од 13 февруари до 15 јуни 1410 година. Сепак, за многу кратко време силите на Муса повторно започнале да се регрутираат. Муса успеал да ги зароби Лазар Бранковиќ и Вук Бранковиќ. Тој веднаш наредил Вук да биде погубен.
На 11 јули 1410 година дошло до нова битка во регионот околу Едрене во која Муса повторно бил поразен. По тој пораз бил погубен и Лазар Бранковиќ. По ова Муса се повлекол во регионот помеѓу Јамбол и Пловдив, и развивајќи успешна герилска борба успеал да собере голема маса од војници. Кон негова страна се приклучиле и голем број на ајдути како и некои ситни феудалци. Особено голема и масовна поддршка му пружиле христијаните од планинските краеви од Румелија.
Кон крајот на 1410 година Муса успеал да ја зазеде тврдината Станимак во Источна Тракија продолжувајќи кон Едрене. Откако започнала борбата Евренос Бег се обидел да го извести Сулејман кој во тие моменти бил пијан и не бил заинтересиран за новонастаната ситуација. Целиот тек на настаните особено се променил со преминувањето на командантот на јаничарите Хасан ага и Евренос на страната на Муса. Сулејман се обидел да пребегне кон Цариград, но на 17 февруари 1411 година бил заробен од одред на Муса и задавен. Муса Челеби повторно ја презел власта во Румелија и влегол во Едрене кон почетокот на 1411 година. Така, на власт во Румелија дошол Муса, додека пак во Анадолија останал Мехмед.
Муса и Мехмед
[уреди | уреди извор]Претенденти за османлискиот престол останале Муса, во Румелија, кој се потпирал на ситните феудалци и нискиот воен кадар и Мехмед, во Анадолија, кој се потпирал на крупните феудалци. Многу брзо помеѓу нив дошло до воен судир. Дел од покрупните феудалци кои биле на страната на Муса, заплашени од своите лични интереси и имоти, го напиштиле на Муса и преминале на страната на Мехмед. Пртив Муса се побуниле и српските феудалци кои биле турски вазали, определувајќи се речиси сите за Мехмед. Тогаш, везирот на Муса, Ќор Шах Мелек побегнал во престолнината, а византискиот цар Мануил II Палеолог (1391-1425), кој исто така го поддржувал на Мехмед, го вратил пак во Бурса кај Мехмед. Подоцна Муса испратил повик до Византија да му плаќа данок преку својот посланик Ибрахим Паша. Сепак планот на Муса не се остварил бидејќи и Ибрахим Паша слободно бил упатен во Бурса. Бидејќи Муса го држел Галиполе, византискиот цар му дал воена помош на Мехмед за преминување во Румелија.
Првиот воен судир помеѓу двете страни се случил кон крајот на 1441 година. Муса, заедно со своите сили на двапати интервенирал во Солунско и во Тесалија. Во 1412 година тој успеал да го зароби принцот Орхан, а неговите сили да ги разбие. По ова дошло и до други судири. Во јули 1412 година дошло до борба во Битката кај Инџегиз. главно поради предавство на крупнбегови, еден дел од војската на Муса се разбегала. Меѓутоа, околу 7.000 јаничари останале со Муса и успеале да го опколат на Мехмед, кој ранет одвај успеал да побегне.
По овој пораз, Мехмед се вратил во Анадолија, за да се подготви за нова војна. По кратко време дошло до нова борба помеѓу браќата, и тоа во близина на Цариград. Во таа битка, Мехмед повторно бил поразен. Согледувајќи дека сам нема сили да победи, Мехмед создал унија со византискиот цар, со српските деспоти Стефан Лазаревиќ и Ѓураѓ Бранковиќ, унгарскиот феудалец Моровиќ, босанскиот феудалец Сандаљ Храниќ, а во исто време се поврзал и со беговите од Румелија и Македонија Паша Јѕргит, Бурак-бег, Синанбег и Евренос бег. Така, силите на Мехмед во пролетта 1413 година навлегле во Румелија. По ова следувало напаѓање на силите на Муса.
Можеби најголема улога во воениот конфликт помеѓу Мехмед и Муса одиграл Евренос-бег. Тој му дал совет на Мехмед да навлезе длабоко на територијата на Румелија, дури да престигне и до Србија каде од таму би добил помош од беговите. Кога Муса видел дека неговиот брат одбегнува да прифати борба и дека се упатил кон Овче Поле, тој ја сфатил намерата. Муса на Овче Поле расположил доста од својата војска. Крајна цел на Муса била неговиот брат да нема можност да престигне во Скопје, каде се наоѓал скопскиот намесник Јигит паша. Сепак, Мехмед го заобиколил Овче Поле и престигнал во Врање и Прешево, каде се сретнал со Лазаревиќ и успеал да дојде во контакт со останатите големци од овој регион. На овие простори биле собрани голем број на војници кои во состав биле освен приврзаници на Мехмед и српски деспоти, унгарски феудалци. Така оваа сојузничка војска заедно се упатила кон Овче Поле. Кога сојузничките сили престигнале на Овче Поле заклучиле дека силите на Муса се повлекле кон исток. По ова, Мехмед многу мудро, започнал да создава воени кампови по империјата. Тој се упатил најпрвин по долината на река Струма, а подоцна и кон денешна Софија и Самоков. Во меѓувреме силите на Муса го следеле движењето на Мехмед. Во еден момент во таборот на Муса се открило дека беговите тамаџи-оглу и Савџи-оглу работат за Мехмед, па поради тоа тие биле погубени. По овој настан, голем број од приврзаниците на Муса започнале да го напуштат и да преминуваат на страна на Мехмед.[5]
Смртта на Муса
[уреди | уреди извор]Така, одлучивачката битка помеѓу двете страни се случила на 5 јули 1413 година. На левото крило на Мехмедовата војска биле единиците на Стефан Лазаревиќ и неговите босански и унгарски сојузници на чело со Ѓураѓ Бранковиќ. Десното крило било зазедено од страна на Евренос-бег со своите пет синови и другите румелиски бегови, а во средината на линијата се наоѓал Мехмед со своите анадолски трупи, на чие чело се наоѓале Бајазит паша и Зулкадир оглу. Во оваа битка загинал Муса Челеби.
По војната
[уреди | уреди извор]По смртта на Муса и победата на Мехмед, како единствени противници му останале Михаил-оглу и Мехмед бег. Така, во Битката кај Чамурлу тие биле заробени заедно со шејхот Бедредин Симави. Сепак Бедредин бил пуштен на слобода главно поради својот авторитет и знаења. По неговото пуштање на слобода, Бедредин Симави успеал да собере војска која би можела да му се спротивстави на Мехмед, но во 1416 година тоа востание било крваво задушено, а Бедредин обесен.
Дузме Мустафа
[уреди | уреди извор]Напоредно, со избувнување на востанието на Бедредин, по пет години од неговото задушување, во Румелија избувнало уште едно востание на чие чело застанал Дузме Мустафа. Дузме на турски значи лажен. Тогашната дворска и официјална турска историографија, па дури и некои понови турски научници, сметале дека Мустафа не бил принц. Според најновите истражувања било потврдено дека Мустафа Дузме бил еден од синовите на Бајазит I кој исчезнал во Ангорската битка во 1402 година. По битката, според најголемиот дел од историчарите, Мустафа бил заробен заедно со татко му. По смртта на татко му во 1403 година, тој се префрлил во Влашка каде добил помош од влашкиот владетел Мирче стариот.
Во Румелија Мустафа започнал да организира одбранбена линија против својот брат Мехмед. По започнувањето на борбите, силите на Мустафа на неколкупати биле поразени. Самиот Мустафа успевал да побегнува од самото бојно поле. Сепак, тој бил предаден од неговите спахии и предаден лично на силите на Мехмед. По неговото фаќање, тој бил однесен во Едрене и обесен на највисоката тврдина.[6]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Fine, John Van Antwerp, The Late Medieval Balkans, (University of Michigan Press, 1994), 499.
- ↑ Ismail Hakki Uzuncarsili. Osmanli tarihi, cild, 3 baaski, Ankara 1972, 310-320
- ↑ :К-Р. MATSCHKE, Die Schlacht bei Ankara und das Scheksal von Byzanz, Weimar (1981)
- ↑ Furuzan Hursev Tokin, Turkiyede halk hareketleri, Istanbul 1968, 35.
- ↑ Hammer, Historie de Lempire ottoman...I, 156
- ↑ Hammer, Histoija turskog carstva, 124
|